Минхенската безбедносна конференција стартува во услови на затегнати односи меѓу САД и Европа
Минхенската безбедносна конференција стартува во услови на затегнати односи меѓу САД и Европа. Судбината на Украина во фокусот на дебатите, но не се очекува никаков конкретен резултат од тридневните средби. Државниот секретар Рубио уверува дека Вашингтон активно се ангажира во на запирање на војната.Кремљ потврди, нов состанок ќе се одржи следната недела…

Светот е во одлучувачки момент, САД и Европа се длабоко поврзани, но треба да разговараат за тоа како ќе изгледа нивната заедничка иднина, став на државниот секретар на САД. Пред Минхенската безбедносна конференција, Рубио истакна дека е време да се стави крај на војната во Украина.
„Светот се менува многу брзо пред нас. Стариот свет е исчезнат. Искрено, светот во кој пораснав, а живееме во нова ера во геополитиката, и ќе бара од сите нас некако да преиспитаме како изгледа тоа и каква ќе биде нашата улога“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Сојузниците во Брисел ветија нова помош за Украина преку програмата на НАТО за брза испорака на оружје во Киев.
„Неопходен е силен притисок врз Русија. Војната мора да заврши со загарантирана безбедност и апсолутно никакви награди за агресорот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Нова рунда разговори со американски и украински претставници ќе се одржи следната недела.
„Постои договор дека тоа навистина ќе се одржи следната недела. Ќе ве информираме за местото и датумите“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во екот на интензивни напади со дронови и ракети, се погласни тврдењата дека Русија подготвува сто илјади војници за нова офанзива.
Маријана Димовска
