Македонија

Цвета Ристовска поднесе неотповиклива оставка од ДКСК

13.02.2026 15:54

На ваквиот развој на настаните, му претходеше отворањето на два предмета за Ристовска, од страна на Антикорупциската комисија, за проверка на судир на интереси и непријавување на имот.

Неотповиклива оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата, поднесе Цвета Ристовска. Во образложението, доставено до претседателот на Собранието, Африм Гаши, таа вели дека оставката ја поднесува, по повеќенеделните јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа.

„Во текот на целата моја професионална кариера, вклучително и работењето на комисијата, својата работа ја извршував законито, совесно и со најдобра намера. Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во комисијата, во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси, барав изземање, согласно законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив, ги почитував законските обврски“, се вели во образложението на оставката.

На ваквиот развој на настаните, му претходеше отворањето на два предмета за Ристовска, од страна на Антикорупциската комисија, за проверка на судир на интереси и непријавување на имот.

Првиот предмет се однесува на тоа што маркетинг фирма во сопственост на еден од синовите на Ристовска добила пари во кампањата за претседателските избори во 2024-та година, а вториот на тоа што Ристовска не ги пријавила фирмите на своите деца во нејзиниот анкетен лист.

Марија Котовска