Србија ги намалува платите и пензиите за 8%
Србија ја стабилизира економијата. За да избегне банкрот ќе ги намали пензиите и платите во администрацијата за 8%. Официјалниот план треба да биде објавен до крајот на неделава...

Економистите прогнозираат дека најавеното кастрење е мало и нема да помогне за консолидација на буџетот. Некои дури и ја повикуваат Владата на Србија да го зголеми Данокот на додадена вредност(ДДВ) на ниво како во Хрватска и Унгарија или до 25%. Според економистите, земјата е во длабока економска криза, прашање е на време, кога меѓународната заедница ќе соопшти дека не ги исполнува своите обврски и има дефицит близу до 10 проценти.
„Мислам дека намалување на пензиите и платите е една едноставна мерка која дава еден вид брзи резултати,како што е покачување на пореските стапки. Меѓутоа со тоа не може да се оди многу горе, затоа што сега побарувачката паѓа, реалните заработки се пониски и ние всушност немаме начин да ја користиме таа понуда за економскиот развој“, рече Синиша Зариќ, економист.
Вицепремерката на српската влада, Удовички вели, се кројат нови мерки за штедење кои ќе бидат објавени наскоро.
„Откако ќе биде појасно ќе можеме да споредиме и да видиме што е фер, што можеме повеќе да стимулираме, а кога не можеме, но тоа се да биде во рамките на тоа колку може да поднесе буџетот“, рече Кори Удовички, потпретседател на владата на Србија.
Српското Министерство за финансии објави дека јавниот долг на Србија во февруари оваа година е зголемен за 178 милиони евра и достигнал околу 20,4 милијарди евра или 62,9 насто БДП, иако според Законот за буџетски систем учеството на јавниот долг на Србија во БДП е ограничено на 45 насто. Народна Банка на Србија во август процени дека економијата во 2014 година ќе забележи пад од 0,5%, а во 2015 година ќе стагнира. Во јавниот сектор во Србија се вработени 550 илјади лица, нешто повеќе се пензионери.
Наташа Гркова-Петрушевска
