Струга

Во Струга шести ден без вода – градоначалникот ангажира приватни експерти

14.02.2026 13:13

Градоначалникот Менди Ќура ангажира приватна институција од Скопје, да се утврдат причините за загадувањето на водата во Струга. Шести ден стружани се без безбедна вода. Обвинителството отвори предмет.

Приватни експерти ќе ги испитуваат причините за загадувањето на водата во Струга. Градоначалникот Менди Ќура вели ги ангажирал со цел целосно да се расчисти случајот со „еколошката катастрофа“ што една недела ги остави стружани без вода и им го ускрати основното човеково право.

Ќура ја обвини поранешната локална власт за, како што рече, лошо менаџирање и ненавремено преземање мерки, вели ќе бара одговорност.

„Се мисли дека може да е настанато од земјотрес или од лица кои работеле од 2020 година и претходно, со копање во горниот дел на базенот, но не можам да потврдам со сигурност. Слабо менаџирање, односно неземање мерки кои се потребни за ваква ситуација од бившата власт и мислам дека сите чинители ќе одговараат за ваквата состојба.“, вели градоначалникот Менди Ќура.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство отвори предмет за утврдување на причините за загадувањето и евентуална кривична одговорност. Од Државниот инспекторат за животна средина предупредуваат состојбата е сериозна.

„Опасна е. Знам дека водата не е ни за техничка употреба, не е ни за капење, поготово за готвење и за пиење“, вели Давор Блинков, генерален инспектор за животна средина.

Шести ден по ред, водата од градскиот водовод во Струга останува забранета за користење. Според надлежните состојбата ќе се стабилизира во текот на идната недела.

Соња Рилковска