Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ функционира без возило за транспорт на пациенти
Комплексот клиники „Мајка Тереза“ остана без возило за превоз на пациенти од една на друга клиника. Поради дефект на моторот е на сервис. Потешко болните зависат од брза помош, другите пациенти низ кампусот се пренесуваат со колички или со болнички кревет. Министерството за здравство е известено за проблемот, размислуваат за набавка на електрично возило.

Речиси еден месец Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ функционира без возило за транспорт на пациенти. Единственото возило што ги превезува болните од една на друга клиника е на сервис поради дефект на моторот. Старо е 15 години, а деловите за поправка се чекаат од странство.
Во меѓувреме, потешко болните кои имаат потреба од рендген или преглед во друга клиника зависат од брза помош. Но, службата го покрива целиот град и не може секогаш да одговори на повиците од клиниките. Останатите пациенти се транспортираат со количка или со болнички кревет. Од службата велат – во прва смена имале и до шест повици за превоз на болни.
„Во принцип сите клиники се блиску до рендген и пред да постои интерклиничко возило сите пациенти беа носени со количка. Тие се две возила, 15 години стари. Едното не е во функција година дена, исто поради проблем со моторот од сервисерот имаме информација дека не може да се поправи, за ова очекуваме информација. Но двете се стари и тие се единствени“, изјави Стојче Николовски – од областа на здравството за потребите на клиниките.
Интерклиничкото возило и претходно често имало дефекти. Кога не било во функција по неколку дена Министерството за здравство позајмувало возило од здравствените домови. Надлежните се известени за проблемот и размислуваат за набавка на ново електрично возило.
„Ова е прашање кое веќе две три недели се разговара кај нас во министерството и бараме начин како тоа ќе биде купено, дали од министерството за здравство или од друга институција. Како и да е, ние сме свесни за проблемот“, изјави Азир Алиу – министер за здравство.
Јавната установа која го опслужува Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ има потреба и од нови возила за транспорт на боци со кислород и азот. Иако постојните се во возна состојба, велат дека се дотраени.
Надлежните најавуваат набавка на електрично интерклиничко возило, но засега нема конкретен рок. До тогаш најголемиот клинички кампус во државата ќе функционира без организиран превоз на пациенти, кои треба да се транспортираат од една во друга клиника.
Андријана Ѓурческа
