Опаѓа интересот за вакцинација кај дечињата
Куманово е меѓу градовите во коишто опаѓа интересот за вакцинација на дечињата. Родителите сè уште подлегнуваат на дезинформациите. Најнизок останува процентот на имунизација со вакцината против морбили.

Опаѓа интересот за имунизација на дечињата. Од здравствениот дом во Куманово информираат дека и покрај мерките за кревање на свеста на родителите и едукација, процентот на вакцинација останува на ниско ниво. Најнизок, 40 отсто е опфатот за вакцината против морбили. Родителите поради неинформираност велат одбиваат да ги имунизираат дечињата. Статистиката покажува дека не се имунизираат деца до петгодишна возраст.
„Се поклопува во тој период кога дечињата почнуваат да зборуваат, кога некои почнуваат да проодуваат и мислат дека ако ја дадат тогаш вакцината дека детето ќе престане да зборува или ќе престане да оди. Има и такви родители значи коишто воопшто си одат по календарот за имунизација си гледаат да си го заштитат своето дете и воопшто не подлегнуваат на тие информации односно дезинформации“, истакна д-р Валентина Богоевска Димитриевска, Здравствен дом Куманово.
Редици дечиња и родителите пред вакциналниот пункт имаше само за време на епидемијата на голема кашлица.
И покрај законските одредби во градинките и училиштата сè уште може да се забележат дечиња коишто не се имунизирани.
Надлежните списокот на родителите кои целосно одбиваат да ги имунизираат дечиња, го доставуваат до државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Елена Георгиевска
