Случај „Навални“

Смртта на Навални предизвикана од труење со редок токсин

15.02.2026 15:59

Најголемиот руски критичар на Путин, Алексеј Навални бил убиен во затвор со редок смртоносен токсин – обелоденија британските власти. Две години по неговата смрт научните анализи потврдуваат намерно труење. Европа прстот го вперува во Кремљ. Случајот пријавен во организацијата за забрана на хемиско оружје. Москва ги отфрла наводите како западна пропаганда.

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил убиен со редок и смртоносен токсин – епибатидин, супстанца што потекнува од отровни еквадорски жаби – обелоденија британските власти две години по неговата смрт во сибирска казнена колонија. Според анализите на примероците од неговото тело, што ги соопшти Обединетото Кралство, станува збор за намерно труење.

„Британските научници кои работат со европските партнери потврдија дека смртоносен токсин е пронајден во неговото тело кога починал. Само руската влада имала средства, мотив и можност да го сторат тоа. Затоа сега со нашите партнери, го разоткриваме овој варварски заговор на Кремљ во обид да го замолчат гласот на Алексеј Навални“, изјави Ивет Купер – министерка за внатрешни работи на Велика Британија.

„Сега знам дека тоа не се само зборови, туку научен доказ дека мојот сопруг беше отруен и убиен од руската влада и од Путин во руски затвор“, изјави Јулија Навалнаја – сопруга на Алексеј Навални.

Велика Британија и сојузниците го обвинија Кремљ, пријавувајќи го труењето во Организацијата за забрана на хемиско оружје како грубо кршење на Конвенцијата за хемиско оружје, барајќи одговорност за Русија.

„Неговите останки содржеле особено силен нервен агенс, епибатидин, кој е 200 пати посилен од морфинот. Никој освен послушниците на Путин нема да може точно да ни каже што се случило во руската казнена колонија“, изјави Јохан Вадефул -министер за надворешни работи на Германија.

„Експерти од Велика Британија, Шведска, Холандија и Франција успеаја да откријат како бил отруен-ова е исклучително важно за да може Русија да биде одговорна за она што го правела и да се продолжи со разјаснување на нивните континуирани лаги“, изјави Марија Малмер Стенергард -министерка за надворешни работи на Шведска.

Руската влада, која постојано негираше каква било одговорност за смртта на Навални, ги отфрли обвинувањата нарекувајќи ги спектакл и измама на западната пропаганда.

„Она што навистина шокира е методот што сега го претпочитаат западните политичари – некро-пропаганда. Ова не е потрага по правда, туку исмејување на мртвите. Целта на овој спектакл е јасна: да се оживее намалениот антируски жар во западните општества. Ако нема изговор, тој е измислен. Ние сме навикнати на слабоумноста на западните баснописци.“-стои во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија.

Навални почина на 16 февруари 2024 година во руски затвор, откако ненадејно му се слошило по прошетка, според тогашните соопштенија на руските власти. Тој беше еден од најгласните критичари на Владимир Путин.

 

Бојана Крстевски