Евакуации и поплавени домови по поројните дождови, службите на терен
Обилните врнежи од дожд што во текот на ноќта и претпладнето ја зафатија земјата предизвикаа поплави и излевање на повеќе реки. Најсериозна е состојбата во Кичево...

Обилните врнежи од дожд што во текот на ноќта и претпладнето ја зафатија земјата предизвикаа поплави и излевање на повеќе реки. Најсериозна е состојбата во Кичево, каде што се евакуирани околу 180 лица, соопшти Центар за управување со кризи.
Во кичевскиот регион, Зајашка Река се излеала на улицата „Прилепска“, при што се зафатени повеќе домови. Евакуираните жители се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Поплавувања се регистрирани и на улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, каде што се поплавени подрумски простории во неколку објекти, како и дел од болницата во Кичево. На терен интервенираат полицијата, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби, а информирани се и локалните власти и Дирекција за заштита и спасување. Со поддршка на Црвен крст на Република Северна Македонија обезбедени се храна и вода за евакуираните, додека од Скопје се испратени дополнителни тимови со ќебиња, душеци и кревети. Засега нема пријави за повредени или животно загрозени лица, но врнежите продолжуваат и состојбата се следи внимателно.
Во скопскиот регион, преку бројот 112 се евидентирани повеќе пријави за поплавени дворови во Идризово, Буковиќ, Зелениково и Радишани. Општинските служби извршиле увид и работат на отстранување на последиците.
Во тетовскиот регион е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – Џермо, поради што сообраќајот е во прекин. Од утринските часови воведена е забрана за тешки товарни возила и автобуси на патот Тетово – Попова Шапка поради снежни врнежи. Засега нема значително покачување на водостојот на реките, а снабдувањето со струја и вода за пиење е стабилно.
Во гостиварскиот регион се пријавени поплавени куќи во Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Во селото Балиндол, поради затрупан канал, се поплавени неколку домови. Во една од куќите во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка, по што интервенирале противпожарната единица и полицијата. Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затнати канали, а најавено е ангажирање механизација за расчистување. Локалните власти и надлежните институции и натаму ја следат состојбата на терен.
