Охрид

Намален број на кривични дела за незаконски риболов

15.02.2026 15:11

Езерската полиција им дава силна поддршка на концесионерите на Охридското Езеро за зачувување на рибниот фонд, иако основна задача на полициските службеници е чувањето на македонските територијални води. Тоа придонесе за намалување на рибокрадството во текот на изминатата и почетокот на оваа година. Сепак како што велат од СВР Охрид има можности за поуспешна соработка со концесионерите, бидејќи сè уште има лица кои незаконски вршат риболов.

Откако Охридското Езеро е издадено под концесија незаконитиот риболов бележи намалување, но сепак дел од рибокрадците го прекршуваат законот и покрај високите казни.

Во текот на минатата и првиот месец од оваа година езерската полиција поднела педесет и три кривични пријави против лица кои вршеле незаконит риболов и регистрирала уште триста прекршоци.

Притоа биле пронајдени близу дваесет и девет илјади метри рибарски мрежи и околу седумстотини и триесет парчиња разновидна риба, коишто биле одземени заедно со пловните објекти и риболовните алати.

Активен е придонесот на езерската полиција во делот на сузбивањето на незаконитиот риболов и пронаоѓање на лица сторители на ова кривично дело. Така што целокупната наша активност и соработка со концесионерите, како и со Хидробиолошкиот Завод резултира со намалување на регистрирани вакви дела“, изјави Стефан Димоски – портпарол на СВР Охрид.

Соработката на концесионерите и инспекторатот за рибарство со полицијата е на задоволително ниво, но според Димоски таа треба да се интензивира.

„Секогаш е потребно зголемување на степенот на соработка и координација во насока на поголема успешност во реализацијата на предвидените задачи поврзани со сузбивање на незаконитиот риболов и се разбира во елиминирање на сите оние прекршоци коишто се евидентирани во изминатиов период“, изјави Стефан Димоски – портпарол на СВР Охрид.

Според дел од експертите за животна средина за уште поефикасно справување со рибокрадството концесионерите ќе треба да набават пософистицирани камери, па дури и дронови со што полесно ќе може да се идентификуваат рибокрадците.

Сашо Нелоски