Извоз

Македонското вино ги освојува светските пазари, инкасирани рекордни 50 милиони евра

11.09.2014 19:07

Најголем дел од македонските вина се извезува во регионот, Србија, Словенија, Хрватска, но се повеќе тие се присутни и на британскиот, чешкиот, скандинавскиот и на полскиот пазар...

Извозот на вино расте од година в година, а лани беа инкасирани рекордни 50 милиони евра. Количински порасна за 50% , а вредносно за 25, што значи дека се уште доминира наливното, иако винариите се повеќе пласираат вино во шишиња.

Годинава почнаа да се испорачуваат и посериозни количества на вино во пластична амбалажа во фамилијарно пакување од 1,5 и од два литра, кои ги бара чешкиот и хрватскиот пазар. Сепак основен услов за зголемување на извозот во стаклена амбалажа, кој носи најдобар финансиски ефект е инвестирањето во нови технологии на производство. И додека до пред некоја година сите купуваа ростфрај садови сега, по француски терк, винариите се враќаат на градење помали бетонски садови кои даваат можност за собирање на родот од секоја микро локација, што е услов за  добивање врвни црвени вина.

„Преку оваа инвестиција добиваме можност и во иднина да промовираме нови вински локаци, нови теноари како што ги викаме, бидејќи само со таков пристап, во вложување во квалитет и промовирање автентични македонски црвени вина може да станеме дополнително препознатливи во светот“, рече Игор Илиевски, генерален директор на винаријата „Тиквеш“.

Искуството говори дека само со континуирани вложувања земјата може да стане сериозен играч на светската винска сцена. Винските експерти го посочуваат примерот на Чиле каде дваесетина години инвестирале  во промоција на земјата како винска дестинација. Годинава родот ќе биде намален во однос на лани  и се очекува да тежи околу 100 илјади тони.

Производство на грозје и вино

-Извоз во 2013г:  885.000 хектолитри, прилив од 50 милиони евра

-Очекуван род во 2014г: 100.000 тони грозје

-Традиционални пазари: Србија, Словенија, Хрватска, Германија,Чешка

-Нови пазари: В.Британија, Полска, Скандинавија, САД

-Пазари во подем: Кина, Русија.

Најголем дел од македонските вина се извезува во регионот, Србија, Словенија, Хрватска, но се повеќе тие се присутни и на британскиот, чешкиот, скандинавскиот и на полскиот пазар. Атрактивни се и Американскиот и Кинескиот пазар, каде што се постигнуваат најдобри цени. Особено е интересен извозот во неколку кинески провинции, каде компаниите купуваат поголеми количества, затоа што постои култ на подарување квалитетни флаширани вина на деловните партнери.

Свето Николовски