Македонија

Советот на јавни обвинители утре ќе се изјасни за кандидатите за нов државен обвинител

16.02.2026 10:58

Петмина во трка за функцијата – по мислењето на Советот, Владата ќе предложи кандидат до Собранието.

Советот на јавни обвинители утре ќе ја одржи 38-та седница, на која единствена точка на дневен ред е давање мислење до Владата по предлогот за именување јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Согласно законските рокови, Советот е должен во рок од 15 дена да достави позитивно или негативно мислење за пријавените кандидати. По добивањето на мислењето, Владата може до Собранието да предложи еден од кандидатите што добил позитивна оценка.

Владата на 3 февруари ги разгледала петте кандидатури и, во согласност со законските одредби, ги доставила до Советот на јавните обвинители, откако претходно Собранието ја информирало за завршувањето на огласот и ја доставило листата со пријавени.

Според информации од пријавените кандидати, за функцијата конкурираат актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски и обвинителката од скопското Обвинителство Лидија Раичевиќ.

Новиот државен јавен обвинител треба да го наследи Љупчо Коцевски, кој во декември поднесе неотповиклива оставка. По неговото заминување, функцијата в.д. ја презеде Тополова-Исајловска, но таа позиција може да ја извршува најмногу шест месеци.

Постапката за избор започна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари, со рок за пријавување од 15 дена од објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите треба да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии во областа на кривичното право.

Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата нема да може да утврди предлог и ќе треба да предложи распишување нов оглас. Новиот државен јавен обвинител се избира во Собранието со најмалку 61 глас од пратениците.