Македонската економија е подготвена за новата криза во еврозоната
Според професорот Томе Неновски Македонија е финансиски добро подготвена и може да се справува со последиците доколку европската криза би се прелеала тука.

Европа е во криза. Последиците се закана и за земјите од Балканот. Македонската економија е со позитивен раст, но кризата во еврозоната треба внимателно да се следи предупредува универзитетскиот професор Томе Неновски во интервју за Радио Слободна Македонија. Вели дека случувањата во Унијата, може но не мора да не погодат, се зависи од тамошните пазари.
„Она што може и што силно и се заканува на ЕУ нема во голема мера да ја загрози Македонија, меѓутоа дека може да дојде до одредени повреди, тоа е секогаш извесно. Ние треба да се трудиме со сите расположливи инструменти ти е повреди да бидат што помали“, вели Томе Неновски, универзитетски професор.
Според Неновски Македонија е финансиски добро подготвена и може да се справува со последиците доколку европската криза би се прелеала тука. За капиталните инвестиции во буџетот се обезбедени средства, можно е само мало пролонгирање на проектите кои се веќе започнати вели Неновски.
„Владате ќе треба да се труди економијата да ја штити од повредите коишто евентуално би можеле да и се случат во иднина. Меѓутоа остварувањата во овој период ни даваат оптимизам дека ние успешно ќе се соочиме со таквите предизвици и дека на некоја начин сме, и психолошки и материјално подготвени да пречекаме уште една економска криза“, вели Неновски.
За Неновски загрижувачки се цените на житариците и енергенсите кои можат негативно да се одразат врз девизните резерви. Препорачува нивно будно следење на светските берзи.
Сунчица Николоска
