Нема одложување на Законот за пушење, следната недела финалната верзија оди на владина седница
Министерството за здравство ги демантира шпекулациите за пролонгирање на новиот закон. Наместо одложување, се најавува „фазна примена“ која во првиот период ќе се фокусира на едукација и опомени за граѓаните и угостителите.

Министерството за здравство пресече – новиот Закон за заштита од пушење останува во предвидената временска рамка. По завршувањето на јавната расправа на ЕНЕР и анализата на сите пристигнати коментари, финалната верзија на законското решение веќе следната недела ќе се најде пред министрите во Владата.
Од МЗ појаснуваат дека терминот „фазност“ не значи дека законот ќе чека во фиока, туку се однесува на начинот на негово спроведување на терен.
„Целта е да се изгради култура на почитување на правилата на долг рок, преку јасни упатства и поддршка за сите засегнати страни“, велат од Министерството.
И покрај усогласувањата со бизнис заедницата и институциите, од Министерството се децидни дека основните цели не се менуваат- спречување на пушењето кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, како и заштита на граѓаните од пасивно пушење во сите затворени јавни и работни простории.
Законот ќе стапи на сила веднаш по неговото усвојување во Собранието, согласно сите законски рокови.
