Поддршка за Украина пред новата рунда мировни преговори
Засилена поддршка од сојузниците на Киев пред мировните преговори во Женева. Наспроти трилатералните средби Зеленски со став-интересите на Украина мора да бидат заштитени, безбедноста останува клучна за крај на војната. Руската делегација во Швајцарија пристигнува во проширен состав-потврди Кремљ. Откриваат дека на состанокот ќе бидат отворени клучни прашања, вклучително и територијалните.

Украина добива засилена поддршка од сојузниците пред новата рунда мировни преговори, со нови пакети воена и енергетска помош, вклучително и ракети за воздушна одбрана-најави Зеленски по враќањето од Минхенската безбедносна конференција. Наспроти утрешните разговори со Русија и САД во Женева, нагласи дека Киев нема да ја повтори грешката од 2014-та и дека безбедноста останува клучна за завршување на војната.
„Украинската делегација ја има потребната рамка за овие дискусии. Вчера се координиравме со Стив Виткоф и Џеред Кушнер. Украина секогаш ќе остане конструктивна, но граѓаните мора да видат вистински напредок во безбедноста за да имаат доверба во дипломатскиот процес. Безбедноста е клучна за завршување на оваа војна. Безбедносните гаранции за Украина се врвен приоритет“, изјави Володимир Зеленски- претседател на Украина.
Меѓу темите на преговорите се очекува да биде и прекинот на огнот врз енергетскиот сектор.
„Следната рунда преговори е пред нас. Ќе ги разгледаме лекциите од нашата историја и ќе бараме правилни заклучоци. Интересите на Украина мора да бидат заштитени.“ - напиша шефот на кабинетот на Зеленски, Буданов.
Истовремено, Кремљ потврди дека руската делегација во Швајцарија доаѓа во проширен состав.
„Делегацијата ќе биде проширена — овојпат, покрај претседателскиот помошник Медински, ќе бидат присутни и заменик-министерот за надворешни работи Галузин и други функционери“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.
Песков појасни дека претседателот Путин е во постојан контакт со преговарачите и им дава инструкции, како и дека на состанокот ќе бидат отворени клучните прашања, вклучително и територијалните. Претходно, словачкиот премиер Фицо предупреди дека без директен контакт со Русија, западните лидери нема да можат да зборуваат за прекин на конфликтот.
„Мора да почнеме дијалог со рускиот претседателот Путин. Ако не почнеме, не можеме да тврдиме дека сме заинтересирани за прекин на вооружениот конфликт што моментално го гледаме во Украина“, изјави Роберт Фицо – премиер на Словачка.
Борбите на фронтот продолжуваат со засилени напади од двете страни. Москва соопшти дека е извршен најмасовен украински напад со дронови врз Брјанската област, додека Киев јавува за десетици повредени во руските напади низ земјата.
Бојана Крстевски
