Транспорт

Преодниот период ги мачи балканските транспортери, бараат Брисел да ги олесни условите

16.02.2026 17:10

Додека ЕУ ја крои новата визна стратегија, транспортерите од Западен Балкан во преодниот период се соочуваат со казни и црни печати поради правилото 90/180 за престој во Шенген зоната. Оттаму бараат Брисел во овој период да ги олесни условите за да можат нормално да функционираат додека не стапат во сила измените на визната стратегија...

Додека ЕУ ја крои новата визна стратегија, транспортерите од Западен Балкан во преодниот период се соочуваат со казни и црни печати поради правилото 90/180 за престој во Шенген зоната. Оттаму бараат Брисел во овој период да ги олесни условите за да можат нормално да функционираат додека не стапат во сила измените на визната стратегија.

„Она што го баравме е прифатено – возачите на камиони да бидат прифатени како професионалци, не како туристи, но потребно е време во Европската унија целосно да се реши проблемот на превозниците од Западен Балкан“, вели Муратовска за МРТ.

Македонија го продолжува дијалогот со ЕУ околу проблемот со камионџиите што го наметна Брисел, велат од Министерството за транспорт.

„Ресорните министерства се во интензивна комуникација со Европската комисија, со цел да се изнајде трајно решение. Најавено е одложување на примената на ЕЕС системот и сите работат на решавање на овој проблем. Апел, да не се потпаѓа на шпекулации кои може да наштетат на дијалогот. Особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе“, велат од министерството.

Европската унија ги разгледува барањата на транспортерите од Западен Балкан поврзани со нивниот престој во ЕУ, но одлука не е донесена, потврдија од Европската комисија.

Превозниците не бараат нешто што не може да се овозможи, туку само олеснети услови за движење и нивен третман како професионалци.

Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора кон крај на јануари ги блокираа премините за товарен сообраќај поради строгите правила на ЕУ за престој во Шенген зоната.

Борис Грујоски