Поплавени домови во Сарај, се утврдуваат штетите
Комисија ги утврдува штетите во Општина Сарај по вчерашните изобилни врнежи. Утрово повторно заседаваше Кризниот шаб. Поплавени се околу 30 домови. Интервенираат екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, пожарникари. Општината најавува сакнкции против бесправно изградените објекти.

Поплавени подруми, домови, земјоделски површини на над 30 домаќинства по излевањето на Сува Река во скопски Сарај. Водата кај поголем дел е повлечена, но мебелот, покуќнината се оштетени, а штетите се илјадници евра.
Најпогодени се жителите на Вуковиќ и Семениште, за пет години се поплавуваат по четврти пат, бараат трајно решение.
Уште една ситуација кога природата ни враќа. Причината за излевањето на Сува Река не се само обилните врнежи, туку фрлањето отпад и неодржувањето на речното корито.
Комисија за проценка на штети веќе е на терен. Се расчистуваат и санираат поплавените куќи. Градоначалникот на Сарај најави дека секторот за урбанизам ќе преземе соодветни мерки за противправно изградените објекти.
Тимови на ДЗС интервенираат во координација со ЦУК, противпожарна, водовод и канализација и општината.
За интервенција, граѓаните погодени од поплавите треба да пријават на телефонскиот број 112 или во општината.
Александра Велинова
