кичево

250 евакуирани од поплавите во Кичево

16.02.2026 17:00

Еден метар вода во куќите во делови од Кичево, уништена покуќнина по изобилните врнежи и излевањето на реката. Во спортската сала евакуирани се 62 семејства или вкупно 250 лица, од нив најмалку 61 се деца, меѓу кои и три бебиња. Организирана е достава на храна и вода. Надлежните на терен. Со децении не се чистело речното корито вели градоначалникот Јовановски. Се бара решение за оние кои останаа без покрив над глава. Поплавите направија пустош и во полошкиот регион.

Над 250 евакуирани граѓани, поплавени домови, уништена покуќнина – слика од Кичево по излевањето на Зајаска реката. Се што се градело со години исчезна преку ноќ.

Дел од куќите изградени до речното корито се целосно уништени.

Градоначалникот на Кичево рече дека со децении не се чистело коритото, па затоа сега ги трпиме последиците. Се бара решение за оние што останаа без своите домови.

Поплавите направија пустош и во Полошкиот регион. 200 куќи се поплавени во гостиварско Форино. ЦУК бележи многу интервенции поради надојдената вода и појавените свлечишта.

 

 

Наташа Јанчиќ-Менковски