Преговори за нуклеарен договор меѓу Иран и САД
Вашингтон верува дека Техеран сака договор и не ја исклучува воената опција ако тоа не се случи.

САД и Иран започнаа нова рунда нуклеарни преговори во Женева со посредство на Оман. Вашингтон верува дека Техеран сака договор и не ја исклучува воената опција ако тоа не се случи.
„Ќе видиме што може да се случи. Иран е многу тежок и би рекол лош преговарач затоа што можевме да имаме договор наместо да ги испратиме Б-2 за да го уништиме нивниот нуклеарен потенцијал. Се надевам дека ќе бидат поразумни. Тие сакаат да постигнат договор“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, по средбата со директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија, изјави дека Иран влегува во преговорите со реални идеи и е подготвен за компромис доколку Вашингтон ги укине санкциите.
„Јас сум во Женева со вистински идеи за постигнување фер и правичен договор. Што не е на маса: покорност пред заканите“, објави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Разговорите доаѓаат во услови на зголемени тензии и распоредени американски бродови наспроти нови ирански воени поморски вежби на Блискиот исток. Оман беше домаќин на првата рунда индиректни разговори меѓу САД и Иран на 6 февруари.
