Дел од посевите под вода, неизвесни приносите на пченица во пелагониско
Дождовите во пелагониско не запираат, делови од есенските посеви се под вода. Температурата релативно висока за овој период од годината, а снегот кој вообичаено ги штити посевите го нема. Временските услови не им дозволуваат на земјоделците да влезат во нивите и да преземат агротехнички мерки за заштита на пченицата.

Климатските промени сè појасно се одразуваат врз земјоделието во Пелагонија. Релативно високите температури, долготрајните врнежи од дожд и отсуството на снег, негативно влијаат врз развојот на есенските култури, особено на пченицата. Делови од парцелите се под вода. Земјоделците стравуваат.
Од почетокот на годината има наврнато повеќе од 100 литри вода на метар квадратен, почвата е презаситена. Во услови какви моментално имаме, можно е да дојде до појава на болести, велат агрономите. Потребно е преземање на дополнителни агротехнички мерки.
Сега е време за прихрана и заштита на посевите, но преголемата влажност не дозволува да се влезе во нивите. Единствен начин за овие агротехнички мерки е третирање со дронови, кои за жал во пелагонискиот регион сè уште не се достапни.
Во Пелагонија, стратешката култура пченицата, исто како и минатата година е застапена на 12.000 хектари. Лани приносот беше солиден, каков ќе биде родот оваа година – останува на временските услови.
Александра Максимовска
