Македонија

Реките со енормен пораст по обилните дождови – Треска четири, Вардар два и пол пати над просекот

17.02.2026 12:00

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија целата територија на Македонија во изминатите денови предизвикаа значителен пораст на речните води, соопшти Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР)...

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија целата територија на Македонија во изминатите денови предизвикаа значителен пораст на речните води, соопшти Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според најновите податоци на Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на речиси сите поголеми водотеци е значително над просекот за февруари. На одделни мерни места е регистрирано зголемување и повеќе од четирикратно во однос на вообичаените вредности.

Најсериозна е состојбата со реката Треска кај Македонски Брод, каде што денес се измерени 196 сантиметри, споредено со февруарскиот просек од 49 сантиметри.

Покачено ниво бележи и најголемата македонска река Вардар. Кај Јегуновце утрово се измерени 220 сантиметри, што е два и пол пати повеќе од вообичаеното ниво за овој период од годината. Зголемено ниво на Вардар е регистрирано и кај Скопје, Велес и Демир Капија.

Според УХМР, пораст на нивото е забележан и на Црна Река кај Новаци, на Брегалница кај Берово, на Пчиња кај Катлановска Бања, на Сатеска кај Ботун, како и на Црн Дрим кај Ложани.

Нивоата на Охридско Езеро, Преспанско Езеро и Дојранско Езеро се во рамките на февруарскиот просек.