Се реновираат училиштата во Кривогаштани

12.09.2014 10:11

По цели 40 години се реновираат училиштата во општина Кривогаштани. Вкупната инвестиција изнесува 200 илјади долари, главно од општинскиот буџет. Ќе се обезбедуваат услови и за децата со посебни потреби, а Кривогаштани за прв пат ќе добие и детска градинка...

Кривогаштани започна со историски капитални инвестиции на реновирање на училиштата во оваа Општина. Во 4 училишта забрзано со местат системи за парно греење, се прават енергетски ефикасни фасади, комплетно се реновираат училниците. Со инвестициите се очекува заштедата на енергија да биде до 40 %.

„Вкупната инвестиција на сите 4 училишта е некаде над 200.000 долари, од кои 20 проценти се средства на Општината. Во план е до почетокот на идната година да се реконструира уште едно училиште во општина Кривогаштани, во селото Годивље, тоа се средства на Владата во висина од 30.000 евра“, истакна Тони Заткоски, градоначалник на Кривогаштани.

„Со воведувањето на парното греење ќе се подобри хигиената во самите училишта, исто така со енергетски ефикасната фасада ќе се подбри затоплувањето на училиштето“, вели Владо Деспотоски, советник за образование.

Ова се први инвестиции во училиштата, каде учат над 700 деца, после цели 40-тина години откако тие се изградени.

„Молерисана е целокупната површина на училиштето, поставена е ограда, а за прв кај нас во овој регион ќе се постави и лифт за хендикепирани лица“, рече Благица Везенкоска, директор на ООУ Јонче Смугрески, с. Обршани.

„Се загради училиштето со ограда што ќе придонесе за поголема безбедност на учениците, затоа што тука има многу сообраќај“, истакна Роберт Пашоски, совет на родители.

Освен училиштата се подобруваат условите и за најмладите.

Кривогаштани за прв пат во историјата ќе добие и детска градинка со капацитет за 50 дечиња, со целодневен престој, се очекува таа да започне со работа во месец октомври.

Освен во Кривогаштани в година детска градинка ќе се прави и во селото Обршани.

 

Дарко Штаргоски