Бизнисот трпи поради состојбата со превозниците, стравува од нови блокади
Од Советот на странски инвеститори велат дека лобирале во канцеларијата на ЕУ во Скопје со став дека претрпеле штети од стотици илјади до милиони евра поради обврска нарачките да стигнат точно навреме, а ги испраќале авионски, поради протестите...

Бизнисот стравува од нови блокади од превозниците кои чекаат да се приспособат на правилата за престој во шенген-зоната. Од Советот на странски инвеститори велат дека лобирале во канцеларијата на ЕУ во Скопје со став дека претрпеле штети од стотици илјади до милиони евра поради обврска нарачките да стигнат точно навреме, а ги испраќале авионски, поради протестите.
Според последните вести од Европската комисија, нова средба со работната група и сите шест држави од Западен Балкан е договорена за 23-ти месецов. Се очекуваат конечни решенија за да се надмине проблемот, велат од „Макам-Транс“.
Побарано е и мислење до сите амбасади, дали постои начин да се извади специјална виза за професионални возачи која би важела за сите шенген-држави со важност од најмалку 5 години. За ваквата виза, гарант би можела да биде фирмата во која е вработен возачот, и доколку напушти, нема да може да ја користи визата.
Од Транспорт остануваат на ставот да не потпаѓаат на шпекулации кои може да наштетат на дијалогот со ЕУ за статусот на домашните превозници кои патуваат во шенген-зоната.
„Секоја држава одлучува за себе. Македонија продолжува со дијалог за трајно решение“, е ставот на Министерството.
Александра Спировска
