Иран-САД

Техеран сè уште не ги прифаќа американските црвени линии

18.02.2026 09:28

И покрај договорот за нова рунда, Техеран сè уште не ги прифаќа американските црвени линии, а конечната одлука дали дипломатијата ќе продолжи ќе ја донесе Трамп.

Заврши втората рунда нуклеарни преговори меѓу САД и Иран. И покрај договорот за нова рунда, Техеран сè уште не ги прифаќа американските црвени линии, а конечната одлука дали дипломатијата ќе продолжи ќе ја донесе Трамп, кој нагласи дека САД нема да дозволат Иран да се здобие со нуклеарно оружје.

„Претседателот ги има сите опции на маса. Преговорите поминаа делумно добро и е договорен нова средба, но Иран сè уште не ги прифаќа поставените црвени линии. Ќе продолжиме со разговорите, а конечната одлука ќе ја донесе претседателот. Главниот фокус останува да се спречи Иран да има нуклеарно оружје“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.

Иран изрази оптимизам во врска со разговорите, велејќи дека се отворил нов прозорец за постигнување договор, но останува подготвен да се одбрани од каква било закана.

„Иран и САД се согласија за основните принципи, постигнаа разбирање за клучните прашања, но тоа не значи дека конечниот договор е на повидок. Се надевам дека преговорите ќе доведат до одржливо и договорено решение кое може да им служи на интересите на сите вклучени страни“, нагласи Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Паралелно со преговорите, Иран го затвори Ормутскиот теснец за воени вежби, додека американските бродови се распоредени на Блискиот Исток. Тензиите растат по заканите на Трамп за можна интервенција и предупредувањата на Хамнеи дека дури и најсилната армија понекогаш може да претрпи удар од кој нема да се издигне.