Општина Кисела Вода

Oтворено ново кино во Драчево

18.02.2026 15:23

Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино, велат од општината.

Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за “Оскар”.

Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.