Истражување

ЈСП со сè помалку патници, возниот парк старее

18.02.2026 11:25

Бројот на патници во автобусите на ЈСП Скопје за десет години е намален за 30 милиони годишно, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Истовремено, се намалува и бројот на исправни автобуси, а нивната просечна старост достигна 13,3 години.

Истражувањето и базата на податоци за капацитетите на ЈСП Скопје, објавени денеска, откриваат сериозен пад и на бројот на патници и на возниот парк. Во 2015 година со автобусите на ЈСП се превезувале 52 милиони патници годишно, додека сега таа бројка изнесува 22 милиони.

Од вкупно 341 автобус со кои располага претпријатието, дневно исправни се 185, а во сообраќај се пуштаат околу 157 автобуси. Пред десет години имало 316 исправни автобуси, што значи дека бројот континуирано се намалува.

Со намалувањето на возниот парк расте и неговата просечна старост, која сега изнесува 13,3 години – највисока во последната деценија.

Над 80 проценти од автобусите се од марките „Јутонг“ и „ЛАЗ“, а во возниот парк има и десет автобуси „Санос“ стари по 33 години. Само 10 проценти од автобусите ги исполнуваат највисоките еколошки стандарди Еуро 6, додека останатите се со стандард Еуро 4 и Еуро 5.