ЦУК

Се стабилизира состојбата со поплавите, 250 лица остануваат евакуирани во кичевско

18.02.2026 10:05

Нивото на Вардар е во опаѓање и засега нема опасност од излевање, додека во кичевскиот регион 250 лица сè уште се евакуирани. Во Тетовско има затворен пат и паднати бандери, а во Скопје силниот ветер предизвика штети.

Според последните информации од Центарот за управување со кризи до 09:30 часот, состојбата со поплавите во повеќе региони низ државата постепено се стабилизира.

Во Тетовскиот регион, патниот правец меѓу селата Тумчевиште и Чегране останува затворен за сообраќај поради безбедносни причини. Нивото на Вардар е намалено во однос на претходните денови и во моментов нема опасност од излевање. Во текот на ноќта во селата Нераште и Глоѓи, Општина Теарце, паднати се две бандери од Телеком. Во Нераште бандерата не го попречува сообраќајот, додека во Глоѓи е падната преку патот. Надлежните служби се известени и се очекува проблемот да биде отстранет во текот на денот.

Во Скопскиот регион, поради силниот ветер во котлината, на шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили. За состојбата се известени надлежните институции кои преземаат мерки. Во селата Чајлане, Буковиќ и Семениште, погодени од поплавите изминатите денови, состојбата постепено се нормализира.

Во Кичевскиот регион се очекува дополнителна стабилизација. Нема пријави за одрони на магистралните патишта и сообраќајот се одвива непречено. Бројот на евакуирани лица останува 250, односно 63 семејства, на кои редовно им се доставуваат храна, вода и неопходни средства. Медицински екипи вршат здравствени прегледи, додека комуналните служби работат на расчистување на теренот, продлабочување на коритото на Зајашка Река и испумпување на водата од поплавените објекти.