свет

Заврши втората рунда нуклеарни преговори меѓу САД и Иран

18.02.2026 13:50

Заврши втората рунда нуклеарни преговори меѓу САД и Иран во Женева. Има напредок, но не и договор. Ќе има нова средба. Засега, Техеран не ги прифаќа американските црвени линии. Вашингтон порачува – земјата нема да добие нуклеарно оружје, сите опции се на маса...

Заврши втората рунда нуклеарни преговори меѓу САД и Иран. И покрај договорот за нова, Техеран сè уште не ги прифаќа американските црвени линии, а конечната одлука дали дипломатијата ќе продолжи ќе ја донесе Трамп, кој нагласи дека САД нема да дозволат Иран да се здобие со нуклеарно оружје.

„Претседателот ги има сите опции на маса. Преговорите поминаа делумно добро и е договорен нова средба, но Иран сè уште не ги прифаќа поставените црвени линии. Ќе продолжиме со разговорите, а конечната одлука ќе ја донесе претседателот. Главниот фокус останува да се спречи Иран да има нуклеарно оружје“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.

Иран изрази оптимизам во врска со разговорите, велејќи дека се отворил нов прозорец за постигнување договор, но останува подготвен да се одбрани од каква било закана.

„Иран и САД се согласија за основните принципи, постигнаа разбирање за клучните прашања, но тоа не значи дека конечниот договор е на повидок. Се надевам дека преговорите ќе доведат до одржливо и договорено решение кое може да им служи на интересите на сите вклучени страни“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Паралелно со преговорите, Иран го затвори Ормутскиот теснец за воени вежби, додека американските бродови се распоредени на Блискиот Исток. Тензиите растат по заканите на Трамп за можна интервенција и предупредувањата на Хамнеи дека дури и најсилната армија понекогаш може да претрпи удар од кој нема да се издигне.

„Претседателот на САД постојано вели „нашата војска е најсилната војска во светот“, но најмоќната војска во светот понекогаш може да добие таква шлаканица што повеќе нема да може да стои на нозе“, изјави Ајатолахот Али Хамнеи, врховен лидер на Иран.

Во истовреме Иран одбележа 40 дена жалост по еден од најсмртоносните протести минатиот месец. Додека дел од учесниците, повеќето поддржувачи на владата, скандираа „Смрт за Америка и Израел“ за време на владината церемонија, други бараа правда за убиените.

„Не дозволувајте крвта да биде заборавена. Не само крвта на мојот сопруг, сакам правда за секој убиен човек“, изјави Сатари, сопруга на жртва.

„Тука сум да ја одмаздам крвта на мојот син. Барам правда за оние што го убија. Тој излезе од дома за да купи лекови, а потоа беше застрелан зад аголот“, изјави Ахмад Маранаки, татко на жртва.

Активистите за човекови права во САД наведуваат дека во иранските протести загинале над 7.000 луѓе, додека официјалниот број на Иран е 3.117. Според нив, бројот на жртви е потврден преку локални мрежи, бидејќи пристапот до информации во земјата е ограничен.

 

Бојана Крстевски