Македонија

Панчевски поднесе кривична пријава против членови на Советот на јавни обвинители

18.02.2026 12:06

Кандидатот за државен јавен обвинител Владимир Панчевски, откако не доби позитивно мислење од Советот, обвини за злоупотреба на службената положба и побара Владата да ја поништи постапката.

Владимир Панчевски поднесе кривична пријава против претседателот, заменик-претседателот и членовите на Совет на јавни обвинители на Република Северна Македонија, тврдејќи дека незаконски го исклучиле од изборниот процес за државен јавен обвинител.

Советот вчера оцени дека Панчевски не го исполнува условот за најмалку 10 години работен стаж како јавен обвинител или судија во областа на кривичното право. Според нивното толкување, стажот треба да биде активен непосредно до денот на пријавата.

Панчевски, пак, објави потврда од Основен кривичен суд Скопје според која бил судија од февруари 2008 до јули 2020 година, односно има повеќе од 12 години стаж. Тој тврди дека законот бара вкупен, а не непрекинат активен стаж до моментот на пријавување.

Во пријавата се наведува дека на седницата одржана на 17 февруари 2026 година членовите на Советот постапиле спротивно на Законот за јавно обвинителство и го лишиле од право да учествува во понатамошната постапка.

Панчевски посочува и на можен судир на интереси кај заменик-претседателката Марјана Илиеска и ги повика Владата, Јавното обвинителство и МВР да реагираат.