Продолжува санацијата на штетите по поплавите во Кичево
Полека се стабилизира состојбата со водостоите на реките, но и натаму има ризик од поплави и излевања, особено во западните и северозападните предели. Во Кичево се санираат штетите. Таму 250 луѓе беа евакуирани и сместени во спортската сала, каде чекаат решение за нивната ситуација.

На местото каде што вообичаено се одржуваат натпревари, денес има душеци и ќебиња. Четврти ден, спортската сала во Кичево е привремен дом на 60-тина семејства. Меѓу трибините, најтешко е исчекувањето. Во своите домови не се враќаат. Штетите се големи за повторно да ризикуваат, а стравуваат и од заразни заболувања. Дел од куќите се небезбедни, дел целосно уништени.
„Внатре не се влегува, тиња е, потопено е, урнато е. Таму не се живее“, рече жител на Кичево.
„Овие деца треба некаде да се сместат, кај ќе ги сместам во таа тиња, не се влегува во таа куќа“, изјави жител на Кичево.
„Децата ќе се разболат, не излегуваме оттука“, рече друг.
„Нема услови, мене четири годишното дете ќе ми се удавеше во реката“, додаде друг жител.
Тука се сместени околу 250 луѓе, меѓу нив има и деца. Надлежните доставуваат храна и вода, вршат и здравствени прегледи. Општината им ветила помош и обезбедување живеалишта. Се споменуваат станови како трајно решение, но засега нема конкретен рок.
„Ќе ни најдат рекоа решение, се надеваме на тоа, за станови рекоа, па не знаеме и ние точно“, рече жител.
„Додека не ни дадат стан да живееме, излегување оттука нема“, рече друг.
„Станови да ни се дадат, бараки, било што. Само таму не, полно е со вода. Немаме услови, немаме финансии, немаме ништо“, изјави жител.
„Додека не нè сместат да ни дадат станови, кај ќе одиме, кај ќе спиеме, во кал“, изјави жител.
Невремето помина, но последиците ќе се чувствуваат долго време.
Андријана Ѓурческа
