Избор на државен обвинител

Панчевски бара кривична за членовите на Советот на јавни обвинители

18.02.2026 17:17

При очи се прават слепи. Откако не доби позитивно мислење, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски со кривична пријава за членовите на Советот на јавните обвинители. Тој тврди дека го има неопходниот стаж и оти неправедно е дисквалификуван...

Поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд Владимир Панчевски тврди дека неосновано е дисквалификуван од трката за државен обвинител. Побара десетмината членови на Советот на јавните обвинители кривично да одговараат за злоупотреба на службената положба.

„Оваа кривична пријава е одраз на трулиот судско – обвинителски систем и предизвик Јавното обвинителство и МВР да отворат постапка по допрен глас и да расчистат со контаминираните кадри кои незаконски одлучуваат потешко повредувајќи ги правата на граѓаните, носат селективна правда и го рушат угледот на судскиот систем“, објави Панчевски на профил на социјална мрежа.

Советот едногласно констатираше дека Панчевски иако има 12 години стаж во моментов не е ниту судија, ниту обвинител што го прави неподобен за највисоката обвинителска функција.

Имињата на четворицата кандидати кои го минаа филтерот на Советот одат на одлучување во Владата.

Крајниот збор го има Собранието. За избор на државен обвинител е потребен најмалку 61 глас.

Анита Димитријевска – Велковска