Струга

Струга со денови без пивка вода, Советот утре ќе одржи вонредна седница

18.02.2026 18:00

По повеќе од десет дена без безбедна вода за пиење, Струга сè уште е во исчекување на одговори. Утре експерти од Градежниот факултет пристигнуваат на терен за нови анализи на изворите кај Шум, додека се чекаат и резултатите од приватната лабораторија. Изворот ШУМ исклучено но водата сè уште забранета за користење...

Струга повеќе од десет дена се соочува со проблем со загадена вода. Изворот Шум е исклучен, водоснабдување на градот од денес се врши од изворите во Долна Белица и Загоричани но водата и натаму е со поголема матност од дозволената. Од ЦЈЗ велат останува на сила забраната за користење.

Стружани негодуваат велат плаќаат сметки а вода купуваат.

Неофицијално, загадувањето се поврзува со копање каменоломи во близина на изворите, кои подолг период работеле без соодветни дозволи. Градоначалникот одговорноста ја лоцира кај претходната власт,

„Овој случај не е прв. И во минатото имало вакви ситуации. Ова не се случи туку така. Оваа ситуација е резултат на несовесно управување со ЈП ’Водовод и канализација‘, со кое Струга со години наназад има проблеми – или со недоволно чиста вода или со недостиг на вода“, вели градоначалникот Менди Ќура.

Основно јавно обвинителство Струга отвори предмет за утврдување евентуална кривична одговорност. За утре е закажана и вонредна седница на Советот на Општина Струга, на која ќе се разгледува состојбата со водоснабдувањето.

Соња Рилковска