Воената интервенција врз Иран сè поизвесна
Вашингтон формално претпочита дипломатија, но предупредува дека Техеран треба да постигне договор, додека клучните разлики во преговорите остануваат големи.

Воената интервенција на Трамп врз Иран станува сè поизвесна. Вашингтон формално претпочита дипломатија, но предупредува дека Техеран треба да постигне договор, додека клучните разлики во преговорите остануваат големи.
„Постојат многу причини и аргументи за напад врз Иран, но дипломатијата е секогаш прва опција на Трамп, би било многу мудро Иран да склучи договор. Нема да поставувам рокови во име на претседателот. Се очекува Иранците да ни се вратат со повеќе детали во следните недели“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Техеран тврди дека не се стреми кон нуклеарно оружје и е подготвен да се согласи на меѓународен мониторинг.
„Тие можат да го потврдат ова на кој било начин што ќе го изберат. Ако навистина сакаат Иран да нема нуклеарно оружје, ние сме подготвени да прифатиме какви било мерки за верификација што им се потребни“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
Тензиите во регионот се високи: САД го засилуваат военото присуство, Русија се приклучува на вежбите на Иран, а Израел предупредува за можен заеднички напад со САД. Сателитските снимки покажуваат зајакнување на нуклеарните постројки во Техеран.
