Собрание

Продолжувањето на рокот за легализација на дивоградбите и минимална плата од 600 евра пред пратениците

19.02.2026 08:48

Собранието денеска ја продолжува 85-тата седница, на која по скратена постапка ќе се разгледуваат измените за продолжување на рокот за легализација на бесправно изградени објекти и предлогот за зголемување на минималната плата на 600 евра.

Пратениците денеска ќе расправаат за два значајни законски предлога – измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, поднесени од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како и измените и дополнувањата на Законот за минимална плата, предложени од пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Со првиот предлог се бара продолжување на рокот за легализација на дивоградбите за дополнителни пет години, односно законот да важи до 3 март 2031 година. Предлагачите образложуваат дека целта е да се овозможи правна сигурност за граѓаните кои веќе поднеле барања и чии постапки се во тек.

Со вториот предлог се предвидува минималната плата да изнесува 600 евра, што според предлагачите е одговор на барањата на синдикатите и потребата од повисок животен стандард.

Пред пратениците на денешната седница е и Предлог-резолуција за почитување на стандардите на правична постапка во меѓународното судење против поранешните челници на институциите на Република Косово, поднесена од ДУИ.

Во Собранието ќе заседаваат и Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно-правната комисија.