Македонија

Министерството за односи меѓу заедниците го одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

19.02.2026 11:53

На пригоден настан беа доделени благодарници на институции и наставници за придонес во унапредувањето на јазичната разновидност и образованието на мајчин јазик.

По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Министерството за односи меѓу заедниците организираше настан посветен на афирмацијата и унапредувањето на јазичната разновидност, во соработка со надлежните управи за образование и култура на јазиците на заедниците.

Во рамки на одбележувањето, благодарници им беа доделени на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и на Национална установа „Музеј на албанската азбука“, како и на седум наставници кои реализираат настава на мајчин јазик, како признание за нивниот придонес во зачувувањето и развојот на јазичниот и културниот идентитет на заедниците.

На настанот се обрати потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, кој порача дека заемната соработка и разбирање се клучни за надминување на предизвиците, особено во делот на обезбедување учебници на јазиците на етничките заедници.

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, воспоставен од Обединети нации и УНЕСКО во 1999 година, има за цел промоција и заштита на јазичната разновидност и поттикнување на образованието на мајчин јазик.