Завршија мировните разговори за војната во Украина во Женева
Постигнат е значителен напредок во мировните разговори во Женева тврди Белата куќа. По официјалниот состанок украинските и руските преговарачи разговарале сами. Оценија дека преговорите биле тешки, но суштински. Се очекува нова средба во блиска иднина. Зеленски потврди дека САД ќе ја следат имплементацијата на прекинот на огнот. Русија предупредува – конфликтот нема да запре додека Украина се вооружува. Шансите за брз крај на војната преку преговори се многу мали – став на германскиот канцелар Мерц.

Завршија мировните разговори за војната во Украина во Женева. По трилатералните средби, делегациите на Москва и Киев се состанале одделно и оценија дека преговорите биле тешки, но со одреден напредок и подготвеност за продолжување.
„Разговорите беа интензивни и суштински. Има напредок, но во оваа фаза не можеме да откриеме детали. Крајната цел останува праведен и одржлив мир“, изјави Рустем Умеров – секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина.
„Преговорите траеја два дена. Беа тешки, но деловни. Следната средба ќе се одржи во блиска иднина“, изјави Владимир Медински – шеф на руската делегација и советник на Путин.
Белата куќа потврди нова рунда и оцени дека има значителен напредок кај двете страни, но потсети дека САД сè уште продаваат оружје на НАТО кое завршува за одбрана на Украина.
„Постои значаен напредок кај двете страни. Согласни се да ги информираат своите лидери и да продолжат да работат кон мировен договор. Ќе има уште една рунда разговори. Но само да потсетиме, САД сè уште продаваат оружје на НАТО, кое потоа се испраќа во Украина во одбрана на нивната слобода на своите граници“, изјави Каролин Ливит – портпаролка на Белата куќа.
Зеленски потврди дека е договорено САД да ја следат имплементацијата на прекинот на огнот.
„Не можеме да кажеме дека исходот е доволен. Воените претставници сериозно и суштински разговараа за одредени прашања. Сепак, чувствителните политички прашања, прашањата за можни компромиси и неопходниот состанок на лидерите сè уште не се доволно разработени. Сметаме на следен состанок што поскоро“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Москва останува посветена на мирот, додека другата страна го нарушува преговарачкиот процес-обвинуваат од руското МНР додавајќи дека Западот греши ако верува дека воената операција ќе биде прекината додека Украина продолжува да се вооружува. Според германскиот канцелар Мерц шансите за брз крај на војната преку преговори се многу мали.
Според него војната ќе заврши само кога една од двете страни ќе биде исцрпена, „или воено или економски“.
Бојана Крстевски
