Фрај: Советот на Европа формат за решение за спорот со името?
Пратеникот во германскиот Бундестаг во интервју за „Дојче Веле“ вели дека можеби Советот на Европа, каде сите земји се членки, би бил вистински формат за преговори за спорот со името каде би можеле да се дадат нови импулси...

Изнаоѓањето решение за прашањето околу името е задача на Македонија и на Грција, но и Германија има геостратегиски интерес овој спор што поскоро да се реши, вели пратеникот во Бундестагот, Торстен Фрај во интервјуто за „Дојче Веле“.
Мора да се размисли кој формат за разговори е најдобар за надминување на спорот. Дали и во иднина до решение би се дошло со разговори под покровителство на Обединетите нации или би можело како формат да се вклучи Европската унија, што според мене, додава Фрај, би било потешко, со оглед што една од страните во спорот е членка на Европската унија, а другата е земја која сака да стане дел од неа, потенцира Фрај.
Според него, можеби Советот на Европа, каде сите земји се членки, би бил вистински формат за преговори каде би можеле да се дадат нови импулси.
Неприфатливо е по изгубените избори опозицијата едноставно да ја бојкотира работата на парламентот. Премиерот Груевски ми потврди дека власта е подготвена да ги прифати четирите барања. Но, не и петтгиот услов со кој опозицијата бара техничка влада, истакнува германскиот пратеник.
Техничка влада може да функционира само во вонредни услови во една земја, но не и како генерална определба. Затоа, разумно решение мора да се најде, вели Торстен Фрај.
