Кривичен суд

Случајот „Комуналец“ влезе во судница

19.02.2026 14:13

Хаосот со несобирањето ѓубре во Скопје добива институционална разврска. Двајцата поранешни функционери од скопска Комунална хигиена седнаа на обвинителна клупа. Им се суди за загрозување на животната средина со отпад. На првото рочиште, не се произнесоа за вина – не извршиле увид во доказите и побараа одложување на судењето...

Уште непочнато, се одложи судењето за поранешниот директор и раководител во скопски комуналец. Одбраната не извршила увид во доказите, па побара на наредното рочиште, обвинетите да одговорат дали се чувствуваат виновни.

Ексдиректорот на Комунална, Сабахудин Рустеми и неговиот колега Аки Саити, според наводите во обвинението лани во октомври, несобирајќи го ѓубрето од контејнерите, можеле да го доведат во опасност здравјето на луѓето и да предизвикаат загадување на почвата, водата и воздухот. Рустеми не ги есапел одлуките на управниот одбор, па иако бил должен да го собира сметот и да се грижи за исправноста на возниот парк, не си ја вршел работата, велат од Обвинителството. За ова имал помош од второобвинетиот со кого заедно овозможиле создавање на диви депонии низ градот.

Анита Димитријевска – Велковска