Реформи и исполнување на обврските
Европратеникот Вајц во нацрт-извештајот за напредокот на Македонија нагласува дека е тешка состојбата поради запрениот пристапен процес. Во клучните области како владеење на правото, реформите на правосудството и борба против корупцијата напредокот е недоволен.

Земјава мора да даде опипливи резултати, а ЕУ и земјите-членки мора да ги исполнат своите обврски, посочува известувачот на Европскиот парламент, европратеникот Вајц во нацрт-извештајот за напредокот на Македонија. Тешка е состојбата поради запрениот пристапен процес. Во клучните области како владеење на правото, реформите на правосудството и борба против корупцијата напредокот е недоволен.
Во извештајот се нагласува дека не е постигнат напредок во однос на уставните измени, поради загриженост од потенцијални дополнителни билатерални блокади или барања од Бугарија. Затоа, смета Вајц, потребно е итно зголемување на политичка волја од двете страни за да се надмине овој ќорсокак, особено што во ваков геополитички контекст, можат да се појават можности за оживување и забрзување на процесот на пристапување.
„Од суштинско значење е сите политички актери во Северна Македонија, особено Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, да ја препознаат оваа нова итност и да почнат да даваат опипливи, убедливи и искрени резултати во овие клучни области без понатамошно одлагање“, стои во нацрт-извештајот.
Но, Вајц предупредува и на значењето на исполнување на обврските од ЕУ и нејзините членки.
„Мораме целосно да ја поддржиме земјата, вклучително и преку активен дипломатски ангажман за да ѝ помогнеме на Северна Македонија да напредува во исполнувањето на сопствените обврски и да ги надмине постојните пречки“, нагласува Вајц.
Генералната рамка во однос на основните права е во голема мера на задоволително ниво, а се наведува дека е потребно поголема слобода и независност на медиумите и вклучување на граѓанското општество во реформите.
Конечната верзија овој документ ќе ја има откако ќе ги помине сите фази пред да дојде на пленарна седница во Европскиот парламент. Лани извештајот помина со 461 глас „за“, но во него изостана формулацијата македонски идентитет и јазик.
Фиљана Кока
