Комеморација за актерката Ленче Делова во Драмски театар
Во театрографијата на нејзината матична куќа останува забележено дека Ленче Делова, родена на 15 јуни 1948 година, стана професионална актерка на едвај 16 години. На сцената на театарот прв пат чекори во „Богомилска балада“...

Во присуство на семејството, голем број колеги, пријатели и почитувачи, денеска во Драмскиот театар се одржа комеморацијата за актерката Ленче Делова.
Во театрографијата на нејзината матична куќа останува забележено дека Ленче Делова, родена на 15 јуни 1948 година, стана професионална актерка на едвај 16 години. На сцената на театарот прв пат чекори во „Богомилска балада“, првата премиера изведена во оваа, тогаш нова и привремена зграда на Драмски, каде што останува до пензионирањето во 2004 година.
Богатата уметничка кариера на актерката Ленче Делова, ја потврдуваат 63 улоги одиграни на матичната сцена меѓу кои: Џенет (Фармерки, 1965); Пере (Дундо Марое, 1966); Перце (Балада за Тил Ојленшпигел, 1968); Снежана (Пештера, 1969); Вида (Нажалена фамилија, 1971); Жената во авијатичарска облека (Ништо, 1972); Магда (Јане Задрогаз, 1974); Александра (Егор Буличов и другите, 1975); Офелија (Хамлет, 1977); Франческа/Кека/ (Рибарски караници, 1979); Евдокија, баба на Паца (Солунски патрдии, 1979); Марија Павловна Маша (Чехов – Подбивна среќо моја, 1980); Естер (Виктор или деца на власт, 1981); Ивона (Ивона, кнегиња бургундска, 1984); Папи Нортон (Хаос зад кулиси, 1985); Марија (Ноќ спроти водици, 1986); Госпожа Балабакова/Старата/ Кумата/ (Чернодрински се враќа дома, 1992); Херетка (Жени во народното собрание, 1994); Роза (Игранка во времето на Лунаса, 1995); Бејб Бортел (Злостори на срцето, 1995); Трајанка (Ни ќар, ни зијан, 1996); Меџ (Гардеробер, 1996); Марина (Вујко Вања, 1997); Бабата (Падот на невиноста, 2002); Мама (Мачка на вжештен лимен покрив, 2003); Менка (Чија си?, 2013).
Ленче беше често присутна во нашите домови, преку телевизискиот екран каде што играше многу ликови во програмите наменети за најмладата публика во продукциите на сериите: „Итар Пејо“, „Ајде да се дружиме“, „Чук, чук Стојанче“, „Останок“, „Во светот на бајките“, „Салон Хармони“. Таа имаше значајни остварувања и во филмовите „Пред дождот“ и „До балчак“.
Добитник е на наградата на град Скопје „13 Ноември“ за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ (1978). На МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп во 2006 година ја добива награда за животно дело. Во 1996 година на истот фестивал ја добива наградата за најдобро актерско остварување за улогата на Трајанка во „Ни ќар-ни зијан“ која ја одбива заедно со сите други наградени од претставата.
Телеграми со сочувство беа испратени од државниот врв и колегите од повеќе македонски театри.
На комеморацијата последен поздрав кон колешката со која ја делел сцената над четириесет години, упати актерот Благоја Чоревски. Тој во своето емотивно обраќање пред присутните се потсети дека со Ленче се дружеле и настапувале заедно во драмски аматерски претстави уште од својата рана младост. Во навраќањето на тие денови, тој ја сподели радоста и ентузијазмот на нивното гостување на Хвар, на фестивалот на „Југословенски театарски аматерски групи“, на кој Ленче ја освоила својата прва актерска награда на возраст од само 14 години.
Во името на македонското глумиште и колективот на Драмски театар на комеморацијата се обрати директорот Роберт Вељановски потсетувајќи дека театарот е уметност на мигот која нè плени со секоја нова изведба на театарските сцени. Тој замоли со силен аплауз, единствената почит со која се искажуваат најсилните емоции, да се простиме од големата уметница, актерката Ленче Делова и воедно да се потсетиме на нејзината најголема поддршка и на сцена и во семејството, нејзиниот починат сопруг Урош Делов – Руше. Тој беше голем познавач на „театарската светлина“ и расветните тела потребни за доловување на магијата на сцената и обучувач на генерации осветлители и мајстори на светло во Драмскиот театар.
Македонската актерка Ленче Делова беше погребана во понеделникот во присуство на семејството, бројните колеги и претставниците на македонската театарска и културна јавност. Нека ѝ е вечна слава!
