Полицијата го уапси братот на кралот Чарлс Трети
Уапсен поранешниот британски принц, Ендру Маунтбатен-Виндзор, брат на кралот чарлс Трети, осомничен за злоупотреба на јавна функција и за предавање доверливи информации на покојниот сексуален престапник Џефри Епстин. Полицијата соопшти дека се вршат претреси на две адреси, а истрагата е отворена по темелна проценка во која е важно да се заштитат интегритетот и објективноста на процесот.

Медиумските екипи се пред имотот на кралското семејство во Сендрингем по утринското апсење на Ендрју Маунтбатен Виндзор, братот на актуелниот крал Чарлс Трети и син на поранешната британска кралица Елизабета Втора. Лондонската полиција го уапси на неговиот 66-ти роденден, за што не знаела ниту Бакингемската палата.
„Дознавме со најдлабока загриженост за информацијата за Ендрју Моунтбатен-Виндзор и за сомнежот за злоупотреба на службената должност. Сега треба да следува целосен, фер и соодветен процес за да се истражи работата од соодветните власти кои и претходно имаа наша искрена поддршка и соработка. Да бидам јасен, законот мора да има приоритет“, стои во соопштението од кралското семејство и кралот Чарлс Трети.
Така смета и британскиот премиер, никој не е над законот во кралството.
„Секој што има каква и да е информација, треба да сведочи. Дали е Ендрју или некој друг, секој што има важна информација треба да се појави пред соодветното тело. во овој случај зборуваме за Епстин, но и за многу други случаи. Особено ако имаат информации за насилства врз девојки или жени, тоа е сечија должност“, изјави Кир Стармер-премиер на Обединетото Кралство.
Според првите коментари на аналитичарите на британската круна, по претходното расчинување на Ендрју од можното наследување на братот Чарлс, аферата со Епстин, белосветскиот криминалец познат по сексуалните афери, бил мотив повеќе, кралското семејство да се ослободи од товарот на глобалниот скандал.
„Ова е најспектакуларниот пад на честа на член на кралското семејство во сегашноста. Дури е и полошо од она со Едвард Осми кој абдицираше и живееше во егзил. Но тој го задржа кралскиот статус, имаше избор, ова е неколку степени полошо“, изјави Крег Прескот, професор на универзитетот во Лондон.
Братот на кралот е осомничен за споделување на доверливи извештаи по неговите посети за инвестирање во Авганистан, поточно на предавање на анализата за министерството за финансии на еден бизнисмен. Индициите на истрагата водат кон Џефри Епстин.
Зоран Богатинов
