Ристоска со реакција на изјавата на Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера посочи дека од четирите кандидати за државан јавен обвинител за кои Советот на јавни обвинители даде позитивни мислење, на владината листа се три имиња, а меѓу нив не е и бившата обвинителка од СЈО, Ленче Ристоска.

По вчерашното интервју на премиерот Мицкоски за Канал 5 телевизија, во кое изјави дека од четирите предлог имиња за државен јавен обвинител од страна на Советот, на владината листа се само три, односно не и бившата обвинителка на СЈО, Ленче Ристоска, таа реагираше на изјавата на претседателот на Владата во која вели дека кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат.
„Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува. Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна, а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, вели во реакцијата Ристоска.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека се бара интегритет, а не подобности како десна рака на Катица Јанева. Има јасни критериуми, а она на што е таа навикната не се едни од нив.
