Реевиденција на приватните здравствени институции
Новата реевиденција на приватните здравствени институции кои се дел од здравствената мрежа, ќе го открие точниот број на приватни амбуланти, но и бројот на вработени. Пребројувањето треба да заврши до крајот на оваа година. Во Македонија за прв пат, пред две години Министерството за здравство реализираше проект за пребројување на приватните здравствените институции...

Ново пребројување на приватните амбуланти и аптеки ќе прави ресорното министерство. Целта била да се ревидира мрежата на здравствени институции. Од Здружението на приватни лекари со апел до своите членови за навремено ажурирање на податоците.
„Сите здравствени институции кои се во мрежата од 2012 година должни се да ги усогласат и ажурираат своите податоци, се со една цел да се добие одлична нова база на таа мрежа, и сите тие податоци да ги има Министерството за здравство“, изјави д-р Лилија Чолакова- Дервишева, претседател на Здружението на приватни лекари.
Крајниот рок за доставување на новите податоци е 31 декември оваа година. Потоа ќе се добие одговор на прашањата колку работни места има во приватниот здравствен сектор, но и точниот број на амбуланти и аптеки.
„Сите треба наново да си достават која е екипата која работи во секоја приватна здравствена установа и да достават кој ќе биде носител на здравствената дејност за точно да се назначи лиценцата на кој ќе гласи“, дополни д-р Чолакова- Дервишова.
Според податоците на мрежата со здравствени установи од 2012-та година, во Велес има 36 приватни амбуланти и 27 аптеки. Од Министерството за здравство, тогаш објаснуваа дека според бројот на жители, во Велес недостасуваат матични лекари, додека аптеки имаше над потребниот минимум.
Дијана Иванова
