Избран проектот за новата плажа на Охридско езеро
Предвидено е плажата да се изгради според највисоките туристички стандарди, без да се наруши еко-интегритетот на околината...

По пат на електронско гласање, граѓаните го избраа најдоброто идејно решение за уредување на новата плажа на Охридското езеро, во близина на аеродромот „Свети Апостол Павле“.
Министерството за транспорт и врски соопшти дека од вкупно пристигнатите пет идејни решенија, најмногу гласови има добиено третиот проект, односно 56 проценти од вкупно 3.072 гласа, по што следуваат првото идејно решение за кое гласале 21 процент од вкупниот број на гласови, второто решение со 14 проценти, четвртото со 7 проценти и петтото со три проценти од гласовите.
Предвидено е плажата да се изгради според највисоките туристички стандарди, без да се наруши еко-интегритетот на околината.
На плажата предвидено е да има песочна површина, да се заштити постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, како и да се уреди со клупи, фонтани за питка вода и пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали. Треба да има и шанк со кабина за музика, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, остава за чадори, лежалки и други реквизити, а треба да биде обележан и просторот за капење во езерото. На плажата треба да се предвидат и места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава.
