Угостителите го поддржуваат Законот против пушење, но бараат три години за адаптација
Угостителите бараат пролонгирање на Законот за заштита од пушење. Велат, им треба време на гостите да се навикнат, а нив да ги приспособат терасите на стандардите според законските измени. Утре ќе имаат средба и со премиерот во Владата...

Угостителите го поддржуваат Законот против пушење, бидејќи е во интерес на јавното здравје, но бараат три години за да се адаптираат. Велат, им треба време на гостите да се навикнат, а нив да ги приспособат терасите на стандардите според законските измени, да бидат отворени од трите страни. Во спротивно би имале финансиски загуби. Утре ќе имаат средба и со премиерот во Владата.
Предлог-законот е во финална фаза со усогласувањата во однос на забелешките и кон крајот на следната недела ќе биде доставен до Владата, велат од Здравство. Сметаат дека нема потреба да се чека, туку час поскоро да се донесе, бидејќи 60 насто од населението се пушачи, а 13 насто се на возраст од 13 до 15 години. Пушачите можеби не можат лесно да се одвикнат, но затоа ќе се заштитат пасивните, е ставот на ресорното министерство.
Законот предвидува пушење само на отворено, забрана на пушење во јавни и работни простории и во возила со деца, ограничување на продажба на тутунски производи. За реакциите од индустријата дека ќе се отвори простор за црниот пазар надлежните имаат механизми да се справат.
Бенефитот од овој Закон е општествен, економски и здравствен. Помалку белодробни, срцеви и канцерогени заболувања.
Александра Велинова
