Трошоците за живот растат, втор месец по ред се зголемуваат за 1.000 денари
Трошоците за живот втор месец по ред се зголемуваат за 1.000 денари. На едно четиричлено семејство за да го истурка месецот, за храна, облека, сметки и други основни потреби, му требаат 67.382 денари. ССМ ги повика пратениците да го изгласаат предлогот за зголемување на минималната плата за 600 евра...

Трошоците за живот, растат побрзо од минималната плата. Втор месец по ред, се зголемуваат за 1.000 денари. На едно четиричлено семејство за да го истурка месецот, за храна, облека, сметки и други основни потреби, му требаат 67.382 денари. А ако се додаде и кирија за стан од 60 квадратни метри трошоците растат и до 1.300 евра.
ССМ ги повика пратениците да го изгласаат предлогот за зголемување на минималната плата за 600 евра.
„За 24 месеци, односно онолку време колку што одбиваат да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за повеќе од 10.000 денари. И затоа, наместо да се препукуваат на грбот на работниците во парламентот, политичките партии да застанат со нив и да ја изгласаат новата минимална плата која треба да изнесува 600 евра и да се зголемат сите останати плати за 6.000 денари затоа што очигледно животот само за функционерите и газдите е добар во Македонија“, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Според податоците на ССМ, најголем дел од парите во еден месец се трошат на храна и на пијалаци или колку една минимална плата. Па така, ако во едно семејство има двајца возрасни со минимални примања, тие нема да бидат доволни за да се помине месецот.
Андријана Ѓурческа
