Истрага за 6 лица за недозволена трговија со марихуаната
Истрага за шестмина поради сомнеж дека сториле кривично дело „Неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога“. Првоосомничен е сопственик на фирма од Скопје. Заедно со уште двајца за кои српското обвинителство води постапка ја организирале набавката и транспортот на марихуаната која беше запленета во Србија. На судијата на претходна постапка од Скопскиот кривичен суд обвинителството му предложи да донесе решение со кое на двајцата осомничени на кои им беше определен краткотраен притвор да им се определи притвор од 30 дена.

Истрага против шест лица, осомничени за кривично дело „Неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрог“, соопштија од Обвинителството. Обезбедени се докази врз основа на документација доставена од МВР и од српското Јавното обвинителство за организиран криминал преку меѓународна правна помош.
„Двајца од осомничените, за кои српското обвинителство за организиран криминал води постапка, заеднички и по претходен договор со сопственикот на правно лице од Скопје, како и со други неидентификувани лица, организирале набавка на наркотична дрога марихуана и нејзино повеќекратно транспортирање од Македонија до Србија со товарни возила, заради натамошна продажба“, стои во соопштението од ЈОКК.
Како што известија од Обвинителството првоосомничениот им дал насоки на своите вработени да пакуваат сув цвет од канабис во вкупно количество од 8.832 килограми, претходно набавен од фирма од Струмица. На 13.01.2026 година, во пладневните часови, двајцата ортаци, организирале транспорт од објектот во Скопје до локација во атарот на Свети Николе. По извршениот утовар, осомничените кои се во притвор, со камион во содејство со уште тројца осомничени со возила, се упатиле кон граничниот премин Табановце и ја напуштиле државата.
Јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Кривичен суд Скопје му предложи да донесе решение со кое спрема двајцата осомничени кои се во притвор од 48 часа да биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Игор Панов
