Забрана за две правни лица да вршат ископ во близина на изворите за вода во Струга
Јавното обвинителство издаде забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите во Шум. Стружани втора недела без безбедна вода, правниците предупредуваат загадувањето на изворите во село Шум е резултат на долготрајни системски пропусти и институционална негрижа. Се бара детална истрага.
Две правни лица од Велешта добија забрана да вршат ископ. Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство-Струга, за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето Шум, истражните органи на терен затекнаа механизација, со која се вршело кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите.
„Поради сомненија за незаконита експлоатација на минерални суровини и загадување на водата за пиење, јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето“, информираат од Јавното обвинителство.
Загадувањето на водата во Струга е резултат на долготрајни системски пропусти и институционална негрижа, велат правниците. Потребна е детална истрага со цел да се утврди одговорност и кај службите кои дозволиле нелегални ископ.
„Сметам дека е клучно и неопходно вклучување и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал во Скопје, затоа што во конкретниот случај се работи за затајување на поголем број институции и на поголем број лица, и сметам дека ваквото обвинителство има соодветен капацитет да може да одговори на комплексноста на ваквата истрага“, вели Григорие Ќато, адвокат од Струга.
Контролата на нелегални ископи ја вршат инспекциските служби на локалната самоуправа и на Министерството за енергетика. Од локалниот инспекторат велат постапиле кога добиле пријава.
„Ние немаме одговорен, нема документ, барем до Инспекторатот не е дојден од бившите директори на „Проаква“. Оној момент кога имаше пријава, инспекторатот веднаш постапи, даде забрана и таму повеќе не се работи. Наредните насоки ќе бидат за санација на теренот“, вели Митко Коркутоски, инспектор за животна средина.
Додека институциите ги утврдуваат фактите, стружани втора недела се без основното човеково право – немаат пристап до безбедна вода.
Соња Рилковска
