Хидрологија

Кога предупредувањата не се доволни

21.02.2026 13:51

Сабота – предупредување. Недела – уште пет. И пет СМС пораки. Дождот си ја заврши работата. Системот – колку што можел. 12 хидролози ја следат цела држава. Две години – ниту еден нов студент по хидротехника. Речните корита – полни со ѓубре. Во кичевско, десетици семејства без покрив. А можело и полошо.

„Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците во западните делови на земјата а особено покрај оние кои доаѓаат од планинскиот масив Шар Планина, во општините Јегуновце, Теарце, Тетово, Боговиње, Врапчиште и Гостивар.“

Ова е дел од првото соопштение на УХМР испратено минатата сабота до медиумите и ЦУК со кое предупредиле на можни непријатности заради зголемена количина на врнежи.

Следниот ден, испратиле уште пет, многу поалармантни откако станало јасно дека во Западна Македонија дождот веќе прави големи штети. Дополнително испратиле и пет СМС пораки до ЦУК истиот ден, а на хидролошката мапа и во саботата и во неделата алармирале за опасност.

Но, ова е сè што можел да направи хидрологот Атанас Угрински од Управата за хидрометеоролошки работи.

Речиси една седмица по поплавите, со него се сретнавме на вливот на реката Лепенец во Вардар. Категоричен е дека ова не е критична точка и покрај зголемениот водостој, затоа што речното корито е регулирано. Угрински вели дека поплавите во кичевско кои оставија без покрив десетици семејства, можеле да бидат многу поголеми и поопасни.

„Регулацијата на речните корита дефинитивно влијае за намалување на опасноста од поплави. И тоа во најдиректен пример деновиве го видовме во Полошкиот регион, каде што како резултат на еден проект од УНДП, во изминатиот период беше извршена регулација на еден поголем потег од неколку километри во најкритичниот дел од Полошката котлина, каде што обично и при помали води доаѓаше до излевање на самата река. Овие денови ги имавме тие количини на води меѓутоа благодарение токму на таа регулација од околу 8-10 километри на речното корито не се случија тие поплави или се случија во многу намален опсег“, вели хидрологот Атанас Угрински.

Со вкупно 11 колеги, Угрински ја следи хидролошката состојба во целата земја. Вели, им недостасува кадар, но се плаши дека земјава има и допрва ќе има мака да обезбеди квалификуван и стручен кадар од хидролози и метеоролози. На Градежниот факултет, хидротехничката насока, каде што треба да произлезат нови кадри, во последната декада, на една рака се бројат заинтересираните студенти да студираат на овој смер. Но во изминатите две години, вели Угриновски, нема ниту еден запишан студент. Освен тоа, апелира и на постојано вложување во системите за предупредување.

„Различните студии и анализи покажуваат дека едно вложено евро во системите за рана најава и предупредување, десеткратно се враќа подоцна кога предвид ќе се земат штетите“, додава Угрински.

Но, македонските реки се во очајна состојба и заради старите и лоши навики за фрлање на ѓубре, смет и отпад во речните корита. Тоа не само што ги загадува реките и ја нагрдува самата природа, туку и директно влијае за намалување на пропусната моќ на самите речни корита. Угрински вели дека со ова и при помали води, доаѓа до излевање на реките. Доколку истото тоа ѓубре се наталожи на мостовските конструкции, на столбовите, тогаш може да дојде до вештачко подигање на водата, до формирање на вештачки акумулации и до излевање на реката на тој дел, благодарение на тие вештачки околности.

Катерина Топалова