„Почитувај ги правилата- почитувај го животот“- Владата започнува кампања за безбедност во сообраќајот
Целта е, поголема безбедност во сообраќајот, но и да се влијае на подигнувањето на свеста кај граѓаните, за почитување на сообраќајните правила и прописи...

„Почитувај ги правилата- почитувај го животот“, е мотото на кампањата што ја промовира владата. Целта е, поголема безбедност во сообраќајот, но и да се влијае на подигнувањето на свеста кај граѓаните, за почитување на сообраќајните правила и прописи.
„Можеби некој ќе рече дека не е моја работа како Премиер да зборувам за ова и дека тоа треба да го прави некој друг. Да не кажувам статстики и да не давам совети. Но, јас свесно ова го правам, бидејќи иако јас сум премиер, јас сум човек, кого исто како вас, како секој друг го погодуваат ваквите работи- несреќите, загубите на живот, социјалните драми на семејствата. Јас сум убеден дека сите заедно можеме да направиме многу, да ја издигнеме свеста на повисоко ниво, да допре пораката до секој човек да придонесе, да едуцира. Секој спасен човечки живот е од непроценливо значење“, истакна премиерот Никола Груевски презентирајќи ја новата кампања на Владата.
Владата ја организира кампањата во соработка со министерствата за здравство и за внатрешни работи . Кампањата чини 500 илјади евра, а ќе бидат вклучени јавни личности и компании.
Лани во 4.236 сообраќајни несреќи настрадале преку 6.500 лица, од кои приближно 200 загинале.
