Затишје пред бура

Трамп пред одлука за ограничени и прецизни удари врз Иран

21.02.2026 15:09

Ситуацијата околу Иран и натаму напната, откако средбата на претставници од Вашингтон и Техеран во Женева заврши без конечен договор. Трамп размислува за ограничен воен удар врз Иран, но сè уште претпочита дипломатско решение за нуклеарната програма. Предлогот ќе биде финализиран во следните два-три дена, став на официјален Техеран.

Затишје пред бура, се коментарите на воените аналитичари по натрупувањето на американската армада во Арапското и Црвеното Море, Персискиот и Оманскиот Залив, Медитеранот. Во регионот се стационираа два американски носачи на авиони, од нив и најголемиот „Џералд Форд“ што вплови низ Гибралтар и носи максимален број на авиони, 90.

Американскиот врховен командант Трамп е пред одлуката за ограничени и прецизни удари врз иранската нуклеарна инфраструктура, повеќедневна воздушна кампања против енергетските и воените цели, или политички притисок за менување на иранскиот режим. Анкара со Оман е вклучена во најновите преговори во Истанбул.

„Добро е што почнаа повторно да преговараат. Одблиску ги набљудуваме зголемените воени активности наменети за притисок врз преговорите или за подготовка за воена операција. И покрај позитивните сигнали, на работ сме“, вели Хакан Фидан, министер за надворешни работи на Турција.

„Подобро да преговараат за фер договор. Иранците се многу поразлични од нивните лидери. Многу е тажна ситуацијата поради убиството на 32 илјади Иранци за толку кусо време. Сакаа да обесат 800 луѓе, некои и на кран. Им ветив, ако обесите само еден од нив, ќе ве бомбардирам насекаде. Жал ми е за Иранците, живеат во пекол“, вели американскиот претседател Доналд Трамп.

Одговорот на шефот на Белата куќа дојде по заканите во писмото на Техеран до Обединетите Нации во кое американските бази во регионот, постројки и имот ќе се сметаат за легитимни цели доколку Вашингтон нападне.

„Писмото е во Советот за безбедност и во генералната асамблеја, како што побара постојаната мисија на Иран. Морам да кажеме дека сме и повеќе од загрижени поради влошената реторика во регионот, зголемените воени активности, воените игри и присуството на морнарицата во областа. Ги охрабруваме Иран и САД да продолжат со дипломатијата“, изјави Стефан Дуџарак-портпарол на Обединетите нации.

Лидерството на Иран се определи да не преговара за збогатувањето на ураниумот. Во Израел тенковските единици се на границите на Либан за да се придружат на американските сојузници. Ќе удриме со сите сили, доколку ајатоласите решат да нè нападнат, порача премиерот Нетанјаху. Во Оманското Море, Москва и Техеран почнаа заеднички поморски вежби кои се проширени и на северните делови од Индискиот Океан. И Пекинг не остана рамнодушен на состојбата во Ормускиот теснец, транспортен коридор којшто ја диктира растечката цена на суровата нафта на светските берзи. Во заливот ненадејно се појави и брод на кинеската воена морнарица.

Зоран Богатинов